Економската дипломатија клучна за новите амбасадори во Австрија, Швајцарија и Грција
Три нови македонски амбасадори ги претставија своите програми во надлежната собраниска комисија. Амбасадорот во Грција, смета дека разликата околу името и натаму е главен приоритет. Во Австрија ќе се промовира спортски и здравствен туризам. Подобри врски со 80 илјади македонци во Швајцарија...

Со повеќе доверба меѓу двата соседи може да се дојде до подобрување на политичките односи со соседна Грција, изјави новиот амбасадор Дарко Ангелов во собраниската Комисија за надворешна политика, истакнувајќи дека разговорите за разликата околу името остануваат главен приоритет.
„Доверба којашто е неопходна да дојдеме до моментот на разговори кои би биле посуштински за надминување на проблемот. Се разбира, разговорите остануваат и продолжуваат во фомратот во којшто се во ОН“, изјави новиот амбасадор во Грција, Дарко Ангелов.
Австрија да стане прв трговски партнер на Македонија со подобрување на економската размена и со привлекување австријци за спортски и здравствен туризам во Македонија, се приоритетите на новиот амбасадор во Австрија, Василка Попоска-Треневска.
„Нашата економска понуда нуди бројни стимуланси и поволности за привлекување на нови австриски инвестиции“, рече амбасадорката Попоска- Треневска.
Околу 80 илјади македонски државјани живеат во Швајцарија, но економските односи со оваа пријателска земја не се уште на задоволително ниво, истакна новиот амбасадор во Швајцарија Екрем Ебиби.
„Од Македонија имаме една огромна дијаспора која треба да ја користиме“, рече новиот амбасадор во Швајцарија, Екрем Ебиби.
Новоназначените македонски амбасадори во Австрија, Грција и Швајцарија треба да ги преземат функциите наесен.
Ирина Гелевска
