МТСП ги зајакнува капацитетите за справување со дискриминацијата
Доделени сертификати на обучените кадри во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на Министерството за труд и социјална политика во спроведување на политиките и програмите за еднакви можности и недискриминација“. Проектот се спроведуваше од септември 2012 до првата половина на оваа година. Британскиот амбасадор рече дека во Британија многу ресурси се посветени на ова прашање, постојано се работи на спречување на секаков вид на дискриминација.

Ова за нас е алатка која ќе ни помогне во спроведувањето на сите наши стратешки заложби и промоција на еднаквите можности за запазување на принципот на недискриминација смета Реџеп Али Чупри претставник од министерството за образование и наука.
„Верувам дека ќе ја унапреди генерално положбата на сите во македонското мултикултурно општество од аспект на еднакви можности и заштита од несаканиот феномен на дискриминација“, рече Реџеп Али Чупри претставник од министерството за образование и наука.
Осумстотини лица вработени во државните институции на централно и на локално ниво, судска администрација, судии, социјални партнери и граѓанскиот сектор поминаа низ 40 дневни обуки за недискриминација. Континуирано и посветено се работи на прашањата поврзани со човековите права и слободи, како и на прашањето за еднакви можности на сите граѓани рече министерот за труд и социјална политика.
„Во изминатиот период од донесувањето и спроведувањето на законот за спречување и заштита од дискриминација и Националната стратегија за еднаквост и недискриминација, ја утврдивме потребата од зголемена одговорност но и за јасно и транспарентно објаснување на мерките и политиките во поефективно спроведување на овие два важни документи. Истовремено ги утврдивме и причините зошто некои мерки ни се потребни, пред се во обезбедувањето на социјална кохезија, за што беше потребно целосно и ефективно учество на сите одговорни субјекти на централно и локално ниво, но и учеството на граѓаните претставници на различни групи,“ рече Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.
Во Британија многу ресурси се посветени на ова прашање.
„Во Британија имаме долга традиција на дебати и борба за унапредување на човековите права, еднаквоста, спречувањето на дискриминацијата. Еднаквост значи дека не можете да бидете дискриминирани поради тоа што сте“, рече Чарлс Гарет, амбасадор на Обединетото кралство.
Во рамки на проектот има и два типа водичи наменети за целните групи кои ќе им послужат на вработените во нивната секојдневна работа. Преведени се на албански јазик и се дистрибурани до сите институции.
Ана Јосифоска Тодоровска
