Универзитет Гоце Делчев - Штип

УГД со нова понуда за професорите кои штрајкуваат

31.07.2014 17:15

Тројцата професори, најдоцна до петок 01.08.2014 година до Ректорската управа да достават извештај, писмена документација, а истата да ја стават на увид на јавноста преку прес конференција, соопштение или било која друга форма на јавно информирање, со којашто ќе потврдат дека ги задоволуваат нормите за избор на вонредни професори...

Универзитетот Гоце Делчев излезе со нова понуда до професорите кои штрајкуваат.

„За да се избегнат било какви манипулации со јавноста во врска со иницираната ситуација на Економскиот факултет ги повикуваме тројцата професори, најдоцна до петок 01.08.2014 година до Ректорската управа да достават извештај, писмена документација, а истата да ја стават на увид на јавноста преку прес конференција, соопштение или било која друга форма на јавно информирање, со којашто ќе потврдат дека ги задоволуваат нормите за избор на вонредни професори, предвидени со член 125 од Законот за високо образование“, стои во јавниот повик од УГД.

Униврерзитетот се обврзува доколку тројцата доценти ги исполнуваат условите за избор во вонредни професори да се извини за грешката на Економски и да го разреши деканот. Во спротивно, професорите да се повлечат и да го прекинат штрајкот.

И оваа понуда е неприфатлива за професорите.

„Тоа е работа на правниот систем, на законодавецот, кој ќе цени кој е во право, а кој греши и ќе постапува по законските лигислативи“, вели Крсте Шајновски.

Продолжуваат  отворените писма до професорите од страна на деканите. Повик за прекин на штрајкот, упати и проректорот Кирил Барбареев.

„Длабоко убеден дека ниту еден проблем од ваков или сличен карактер не заслужува човек да ги заложи своето здравје и својот живот и да ги остави своите семејства во неспокој и грижа, се обидувам преку ова писмо најискрено и директно да Ви се обратам и да Ве замолам да го прекинете ова измачување и оваа голгота за која верувам дека постои решение.Ве информирам како проректор кој е член на универзитетскиот сенат без право на глас но учесник во работата дека ќе се заложам за целосно откривање и решавање на овој случај согласно највисоките принципи на академската заедница - вистината, честа и доблеста!“, стои во отвореното писмо од проректорот Барбареев.

Синдикатот за образование  во знак на поддршка на професорите кои штрајкуваат со глад, за утре најави протест  пред министерството за образование.

„Доколку во текот на август не се остварат работни средби, не се реализираат нашите барања, тогаш СОНК ќе продолжи со своите активности“, изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Министерството за образование се прогласи за ненадлежно повиклувајќи се на уставно загарантираната автономија на универзитетите.

Викторија Тодоровска