Во охридскиот регион во пораст болестите поврзани со аерозагадувањето
Во пораст бројот на пациенти со респираторни, кардиоваскуларни, ендокрини и малигни болести во Охрид. Овие поразителни податоци се поврзуваат со аерозагадувањето, кое последниве години е загрижувачко во охридскиот регион …

Во пораст бројот на заболувања кои се поврзуваат со аерозагадувањето. Анализите во Охрид покажуваат загрижувачко зголемување на бројот на пациенти со респираторни, кардиоваскуларни, ендокрини и малигни болести.
Во период од четири години, од 2019-та до 2023-та во Охрид за 50 проценти е зголемен бројот на срцеви заболувања. Во пораст се и пациентите со белодробни болести, а меѓу нив најпогодени се децата.
„Специфичната стапка на оваа група заболувања се зголемува и кај најмладите кај децата до 6 години со тоа што стапката е повисока од 1.012 на 1.545 се зголемува и кај училишните деца и младина од околу 800 на 1.240 на 1.000 училишни деца и млади“, вели д-р Даниела Чингоска специјалист по социјална медицина и јавно здравје.
Лекарите препорачуваат здрав животен стил и избегнување рекреативна активност во деловите од денот кога контаминираноста на воздухот е висока.
„Таа докажана поврзаност меѓу аерозагадувањето и нашето здравје на целокупната популација, непропорционалното влијание врз ранливите категории особено се засегнати децата и старите и економскиот товар од хоспитализации, отсуства од работа итн., сето тоа алармира дека ние имаме многу сериозен проблем на којшто сите заедно треба да работиме‘, доадава д-р Чингоска.
Анализата на Центарот за јавно здравје во Охрид покажува поразителни податоци, во пораст се и малигните и нервните заболувања. Особено зголемен е бројот на пациентите со рак на дојка, простата и бели дробови.
Соња Рилковска
