Мега трансфер во НБА

Дончиќ во Лејкерс, Дејвис во Далас

03.02.2025 08:51

Лејкерс и Маверикс предизвикаа возбуда во НБА, откако тимовите извршија размена со која Лука Дончиќ ќе биде испратен во Лос Анџелес, а Ентони Дејвис во Далас.

Лука Дончиќ се песели од Далас Маверикс во ЛА Лејкерс во сензационална размена, во која Маверикс го добија Ентони Дејвис. Дончиќ се збогуваше со клубот во кој играше од 2018 година, но никогаш не го освои шампионскиот прстен.

„Пред седум години, дојдов тука како тинејџер за да си го остварам сонот да играм кошарка на највисоко ниво. Мислев дека тука ќе ја поминам кариерата и сакав да го освојам прстенот. Љубовта и поддршката која ми ја дадовте се повеќе од тоа што можев да сонувам. За младо момче од Словенија, кое првпат дојде во САД, направивте сè за во Тексас да се чувствувам како дома“, објави Дончиќ.

Дончиќ (25) брзо стана еден од најпродуктивните играчи во НБА од неговото доаѓање во 2018 година. Словенецот имаше просек од 28,1 поен, 8,3 скока и 7,8 асистенции во 22 натпревари (сите стартови) сезонава, но на натпреварот помеѓу Далас и Минесота на крајот на декември се повреди и се уште не се вратил на теренот.

Дејвис (31) девет пати беше селектиран во Ол-стар тимот, а оваа сезона во 42 натпревари (сите стартови) има просек од 25,7 поени, 11,9 скока, 3,4 асистенции и 2,1 блокади.

Американските медиуми пренесуваат дека главната причина за одлуката на Далас да го трејдува еден од своите најдобри кошаркари Лука Дончиќ во редовите на ЛА Лејкерс е лошата физичка состојба на Словенецот.

Според добри познавачи на состојбите во екипата на Далас, словенечкиот репрезентативец многу се здебелил за време на заздравувањето од повредата, стигнал до 122 килограми, нешто кое од клубот веќе не можеле да го толерираат.