Илјадниците цивилни жртви во Газа го предизвикуваат гневот на светската јавност
Четворица Палестинци се убиени во Газа и покрај прогласувањето на тридневен прекин на огнот што почна изутрината. Во меѓувреме, израелската и палестинската страна денеска во Каиро ќе разговараат за надминување на конфликтот...
Нападите на израелската армија врз училишта, прифатилишта, болници и преполни пазари во Газа стануваат секојдевие, додека осудата на светската јавност за масовните убиства на цивили расте.
Израел со соочува со особено жестоки критики по завчерашното гранатирање на училиште во Газа коешто беше користено како прифатилиште, при што беа убиени 15 лица, најмногу жени и деца. Гранатиран беше и пазар полн со луѓе кои излегле да купуваат поради тоа што требаше да има наводен прекин на огнот.
Офицерот за човекови права на Обединетите Нации, Нави Пилај истакна дека верува оти Израел намерно го крши меѓународното право во воените напади врз Газа. Таа ги критикуваше и Соединетите Американски Држави затоа што како главен сојузник на Израел не успеваат да влијаат да се спречи крвопролевањето. Згрозена од тоа што Вашингтон постојано гласа против резолуциите за Израел во Обединетите Нации.
„Не само што ја обезбедија тешката артилерија што сега се користи во Газа, туку тие обезбедија и речиси една милијарда долари за изградба на железните куполи со кои што Израелците се штитат од ракетните напади. Но, на жителите на Газа пак , не им беше овозможен ваков вид заштита од ракетните напади“, вели Нави Пилај – Обединети Нации.
Дали израелската армија убива цивили во Газа поради несоодветна обука и тактика или пак избегнувањето на цивилните жртви воопшто не е приоритет за Израел? Ова е дилемата на експертите интервјуирани за последното издание на весникот Гардијан.
Од почетокот на конфликтот во кој загинаа 1.400 Палестиници, а над 8.000 беа повредени, прогласени се најмалку четири привремени примирја, но ниту едно не беше испочитувано докрај. И по прогласувањето на последниот, тридневен прекин на огнот што почна од изутрината, има информации дека се убиени најмалку четворица Палестинци.
Денеска во Каиро пак се среќаваат израелската и палестинската страна за да разговараат за надминување на конфликтот.
Марија Котовска