Брисел

Муртезани во Европскиот парламент на средби со европратениците Ројтен и Тонин

04.02.2025 14:15

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, на првиот ден од работната посета на Брисел, оствари средби со европратениците Тајс Ројтен (С&Д) и Матеј Тонин (ЕПП), известители во сенка за Северна Македонија...

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, на првиот ден од работната посета на Брисел, оствари средби со европратениците Тајс Ројтен (С&Д) и Матеј Тонин (ЕПП), известители во сенка за Северна Македонија.

На средбите беше потврдена силната поддршка од Европскиот парламент за европската перспектива на Северна Македонија. Европратениците ја истакнаа важноста на реформите и динамиката на пристапниот процес, како и потребата од градење стабилни односи со сите земји-членки на Унијата. Беше нагласено дека продолжувањето на интегративниот пат зависи од заедничките напори и конструктивен пристап во решавањето на предизвиците на европскиот пат.

Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка и ја потенцираше посветеноста на Северна Македонија кон европската агенда. Тој истакна дека земјата останува активен партнер во процесот на пристапување и очекува предвидлив и праведен пристап од страна на Европската Унија.

Посетата на министерот Муртезани во Брисел продолжува со низа состаноци со претставници на институциите на Европската Унија.