Македонија

Дојави за бомби во повеќе училишта, проверките на МВР покажуваат дека станува збор за лажни пријави

07.02.2025 10:14

Дојави за поставени експлозивни направи во повеќе училишта во земјава. МВР спроведува евакуација и проверки. Согласно досегашните активности, проверките покажуваат дека станува збор за лажни пријави…

Во повеќе образовни установи во Скопје и во други градови во државата добиени се дојави за поставени експлозивни направи. МВР на терен, децата и наставниот кадар се евакуираа, се правеа проверки.

Согласно досегашните активности, проверките покажуваат дека станува збор за лажни пријави, велат од МВР. Оттаму велат дека надлежните служби преземаат сеопфатни плански мерки и активности согласно внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување.

Напоредно со ова се врши и процена на степенот на загрозувањето во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамки на Министерството.

МВР апелира за смиреност во јавноста и воздржување од ширење на дезинформации околу ваквите настани, кои вчера беа евидентирани и во други земји во регионот.

Во октомври 2022-ра година речиси цел месец наставата во повеќе училишта се одвиваше со прекини поради лажни дојави за бомби.

Известува Ирина Гелевска