Македонија

Струмичките градинари на средба со министерот Трипуновски

10.02.2025 16:15

Ќе се најде ли решение за проблемите со откупот на струмичките раноградинари? Тие денеска на иста маса седнаа со трговците и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски. Секој си кажа што сака за годинашнава откупна сезона. За министерот само договорено производство е решение за проблемот со пласманот …

Трговците да имаат јасни правилници за откуп за годинашнава сезона. Однапред да бидат дефинирани правилата за игра – цените, количините, начин на исплата. Вака побараа раноградинарите на денешната средба во Струмица за поефикасен откуп и пласман на зеленчукот од овој регион.

Почитување на стандардите за квалитет, соодветна калибража, транспаренти податоци за биохемиската заштита на производството побараа трговците. Тие сметаат дека земјоделците ќе мора да играат по европските правила.

На средбата беше присутен и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски. Според него средбата е во насока на зајакнување на соработката и довербата меѓу земјоделците и трговците откупувачи.

Пласманот и откупните цени се најголемиот проблем за земјоделците од струмичко секоја година. Лани тие во неколку наврати протестираа и блокираа улици барајќи континуиран откуп и цени кои ги покриваат производствените трошоци.

 

Ване Трајков