По речиси една година проработеа сите хируршки сали на Клиничкиот центар
Колапсот настана во мај минатата година, кога поради непријатна миризба беа затворени сите операциони сали. Операции се одложуваа, а итните пациенти се праќаа во градската болница „8 Септември“ и во клиниката „Свети Наум Охридски“. Хирурзите продолжија да оперираат со надворешни компресори.

По речиси една година, почнаа да работат сите хируршки сали во скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“. Заврши 10-дневното тестирање на новите компресори. Колапсот настана во мај минатата година, кога поради непријатна миризба беа затворени сите операциони сали. Операции се одложуваа, а итните пациенти се праќаа во градската болница „8 Септември“ и во клиниката „Свети Наум Охридски“. Хирурзите продолжија да оперираат со надворешни компресори.
„Со новата компресорска станица се покриени сите 18 хируршки сали на хирургија, исто така салите во ОРЛ и офталмологија и максилофацијална хирургија. Комплетниот систем е тестиран 10 дена, се функционира како што треба и од денес веќе и официјално се користи“, изјави Арбен Таравари – министер за здравство.
Нефункционалноста на оперативниот блок создаде сериозен проблем за македонското здравство.
Но, предизвиците не застануваат тука. 40-тина бубрежно болни кои одат на дијализа во градската општа болница „8 Септември“ повеќе од три месеци се оставени без организиран превоз. Добивале паричен надоместок за такси или сопствен превоз од Министерството за финансии, но откако договорот не се продолжил принудени се да користат јавен превоз. Алармираат дека се со нарушено здравје, одењето на дијализа со автобус три пати неделно им претставува сериозен проблем.
„Пациентите кои имаат здравствени проблеми, а тоа се поголем дел од пациентите кои одат на дијализа во „8 Септември“ повеќе им одговараше да имаат организиран превоз како што е во останатите приватни центри во Скопје. Концесионерите со договорот се обврзани, тоа е во цената на дијализата да организираат превоз, но центрите за дијализа во јавното здравство таа обврска ја немаат“, изјави Душко Ѓорѓиевски – претседател на здружението „Нефрон“.
Откако настанал овој проблем, дел од пациентите заминале на дијализа во приватните центри. Бараат да се исправи оваа неправда, многумина не можат да се снајдат за превоз, принудени се да користат такси, а тоа им ја отежнува финансиската состојба.
Андријана Ѓурческа
