На собраниска седница ќе се гласа за кандидатите за членови на Советот на Агенцијата за медиуми
За да бидат изгласани кандидатите за членови на Советот потребно е двотретинско и Бадентерово мнозинство.

Собранието денеска во 14 часот треба да ја продолжи 34-тата седница на која треба да се гласа за кандидатите за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
За да бидат изгласани кандидатите за членови на Советот потребно е двотретинско и Бадентерово мнозинство.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седница на крајот од јануари ја утврди листата на кандидати на која се наоѓаат Виктор Павловски дипломиран инженер по производна информатика од Скопје, Сашо Стефановски дипломиран по филмска уметност и ТВ снимател од Скопје, Петар Џуровски дипломиран филмски и ТВ монтажер од Скопје, Цветанка Миновска дипломиран новинар од Скопје, Афрона Врзиволи дипломиран економист од Скопје, Нафије Селмани дипломиран професор по албански јазик и книжевност од Скопје и Гордана Мајнова дипломиран економист и магистер по комуникологија.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изрази загриженост поради изборот на кандидатите за членови на Советот на Агенцијата. Според нив, дел од избраните кандидати не ги исполнуваат формалните услови и имаат партиска позадина, што го доведува во прашање нивниот професионализам и независност. Апелираа до Собранието да избере компетентни и независни членови за да се обезбеди ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело.
