Стопанската комора на трговци бара итна средба со Владата
Стопанската комора на трговци бара итна средба со Владата. Според нив одлуката која предвидува 10-процентно ограничување на маржите ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците. Како што велат ќе бидат принудени да ги отпуштаат вработените, но и да ги затвораат маркетите. Премиерот вчера најави итна седница на која се очекува да се донесе одлука за замрзнување на маржите на околу 100 групи производи...

Стопанската комора на трговци на големо и мало бара итна средба со Владата во врска со одлуката за ограничување на маржите. Според Комората, одлуката која предвидува 10% ограничување на маржите ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да отпуштаат вработени, но и да ги затвораат маркетите, велат оттаму.
„Штетите ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и 4.700 вработени“, соопштуваат од Комората.
Откако Министерството за економија даде предлог до Владата да се донесе мерка за ограничување на маржите за 10%, се очекува Владата да донесе одлука за ограничување на маржата на основните прехранбени продукти.
И додека оттаму се чека последниот збор на Владата, граѓаните се надеваат дека овој чекор ќе даде некаков ефект.
Премиерот веќе кажа дека со ограничувањето на маржата на 10% во трговијата на мало и на големо очекува да има драстично намалување на цените на храната.
Ограничувањето на маржата ќе биде на 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но исто така треба да се дополни со средства за хигиена – детергенти и бебешка храна, но и други непрехранбени производи кај кои е забележана висока маржа.
Борис Грујоски
