Куманово

Со средствата од Владата преку унгарскиот кредит, во Куманово ќе се шири гасоводната мрежа

15.02.2025 16:52

Во Куманово со средствата од Владата преку унгарскиот кредит ќе се шири гасоводната мрежа. Целта е мрежата да се прошири кон малата индустриска зона, каде што веќе има интерес од компаниите...

Гасоводната мрежа во Куманово наскоро ќе почне да се шири кон индустриската зона во Доброшане. Избрана е фирма изведувач. Делницата е во должина од два километри. Станува збор за проект за кој аплицираше општината, а е финансиран од Владата преку програмата за поддршка на општините. Неколку компании веќе изработуваат проектна документација. Од претпријатието се надеваат дека интерес ќе има и кај домаќинствата.

„Сега Владата треба да распише нов оглас, имаме подготвено проекти, веќе се работи на подготовка на документацијата и да аплицираме до општината, потоа општината да аплицира до Владата за уште некои шест ипол километри“, изјави директорот на ЈП „Куманово Гас“ Марко Митровски.

Од лани потрошувачи на претпријатието се средното техничко училиште и ученичкиот дом.

На гасификација годинава преку европски проект за чист воздух, треба да се приклучат уште седум јавни објекти.

За приклучок на гас општината субвенционира 25.000 денари. Постои можност и Министерството за енергетика да одвои средства за оваа намена. Целта на мерката е да се намали аерозагадувањето.

 

Елена Георгиевска