Минхен

Украина во фокусот на Безбедносната конференција

16.02.2025 12:38

Украина во фокусот на Безбедносната конференција во Минхен. Финска бара поголем притисок кон Русија во пресрет на најавените преговори. Специјалниот пратеник на Трамп за Русија и Украина најави дека Европа можеби ќе биде изземена од преговарачка маса. Според американски извори, дипломатски тимови се во Саудиска Арабија за решавање на војната …

Од Минхенската конференција остри тонови кон Русија. Финскиот претседател повика на повторно вооружување на Украина и Меѓународната заедница да изврши максимален притисок врз Москва преку санкции и замрзнување на имотот во пресрет на можните преговори што ги бара администрацијата на Трамп за ставање крај на војната.

„Ова е моментот кога треба повторно да ја вооружиме Украина и да извршиме максимален притисок врз Русија, што значи санкции, замрзнати средства, за Украина да ги почне овие преговори од позиција на сила“, изјави Александар Стуб, претседател на Финска.

Русија ќе мора да направи територијални отстапки за време на мировните преговори со Украина, истакна генералот Кит Келог, специјалниот пратеник на Доналд Трамп за Украина и Русија. На маргините на Минхенската безбедносна конференција, Келог рече дека Европа можеби нема да биде физички на маса за време на какви било разговори, но нивните интереси ќе бидат земени предвид. Во Саудиска Арабија ќе се крои судбината на тригодишната војна во Европа, тврдат американски медиуми.

„Можеби звучи непријатно, но ви кажувам искрено. На моите европски пријатели би им рекол: вклучете се во расправата без да се жалите дали ќе бидете на преговарачката маса или не, нудете конкретни предлози и идеи и зголемувајте го трошењето за одбраната“, изјави генерал Кит Келог, специјален пратеник на Трамп за Украина и Русија.

Украина никогаш нема да прифати договори без Украина, истото правило треба да важи за цела Европа, истакна украинскиот претседател. Зеленски изјави дека нацрт-договорот за минерали со САД не ги содржи безбедносните одредби што му се потребни на Киев.

„Не им дозволив на министрите да го потпишат договорот бидејќи тој не е подготвен. Според мене, тој не нè штити нас. Не е подготвен да не заштити нас, нашите интереси. За мене е многу важно да се зборува за инвестиции во Украина, тоа се инвестиции и тоа треба да биде законски правилно напишано“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

На фронтот и натаму битки. Русија тврди дека напредува. Беспилотно летало на вооружените сили на Украина синоќа соборено над Курската област.

Маријана Димовска