На Европа итно и е потребен европски мировен план и одржување на меѓународен поредок заснован на правила, истакна Хојзген
На Европа итно и е потребен европски мировен план и одржување на меѓународен поредок заснован на правила, завршни зборови на Безбедносната конференција во Минхен. Остри тонови упатени на сметка на Русија. Во Париз утре треба да се одржи неформален Европски самит по најавите од специјалниот претставник на САД, Кит Келог, дека европските лидери нема да учествуваат во какви било разговори меѓу Вашингтон и Москва за завршување на војната...

На Европа итно и е потребен европски мировен план и одржување на меѓународен поредок заснован на правила, истакна во завршните зборови претседавачот со Безбедносната конференција во Минхен. Во тридневните дебати и излагања на шефови на држави, министри и членови на меѓународни организации, во фокусот војната во Украина.
„Јасно е дека нашиот меѓународен поредок заснован на правила е под притисок. Моето силно убедување е дека овој мултиполарен свет треба да се заснова на единствен збир норми и принципи на Повелбата на ОН и Универзалната декларација за човекови права. Овој поредок е лесно да се наруши, лесно е и да се уништи, но е многу потешко да се обнови“, изјави Кристоф Хојзген, претседател на Безбедносната конфренеција во Минхен.
Остри тонови упатени на сметка на Русија. Финскиот претседател повика на повторно вооружување на Украина и максимален притисок врз Москва преку санкции и замрзнување на имотот.
„Ова е моментот кога треба повторно да ја вооружиме Украина и да извршиме максимален притисок врз Русија, што значи санкции, замрзнати средства, за Украина да ги почне овие преговори од позиција на сила“, изјави Александар Стуб, претседател на Финска.
Во Париз утре треба да се одржи неформален европски самит за Украина, на кој домаќин е францускиот претседател Макрон. Состанокот следува откако специјалниот претставник на Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, изјави дека европските лидери нема да учествуваат во какви било разговори меѓу САД и Русија за завршување на војната.
„Постои старо правило дека секоја нова американска администрација ги учи Русија и Европа одново. А ние штотуку имавме пример за тоа. Јавно кажав вчера, и се надевам дека забележавте, дека кредибилитетот на Соединетите Држави како сојузник зависи од исходот на оваа војна. Од тоа дали Украина ќе ја задржи својата независност и како ќе се однесува кон неа. Зборуваме, не само за достоинството на сегашната администрација, туку и на Соединетите држави воопшто. И Европа ќе научи од ова“, изјави Радослав Шикорски, министер за надворешни работи на Полска.
Се погласни тврдењата дека во Саудиска Арабија ќе се крои судбината на тригодишната војна во Европа, но без Украина. Целта на разговорите во Ријад најверојатно е да се организира состанок на двајцата претседатели, Доналд Трамп и Владимир Путин. Украина никогаш нема да прифати договори без Украина, истото правило треба да важи за цела Европа, истакна украинскиот претседател.
Маријана Димовска
