Освен на храната, растат цените и на витамините и суплементите
Освен на храната, растат цените и на витамините и суплементите. Во време на грипови и вироза, граѓаните одделуваат значителен дел од семејниот буџет за лекови. Од Здружението на приватни аптеки велат маржите на лековите во аптеките не се високи. На тоа има влијание и конкурентноста. Цената на лековите ја диктираат производителите и добавувачите, став на Фармацевтската комора. На цената влијаат и царинските давачки и трошоците за увоз на лековите...

Редовната терапија на рецепт, витаминската го празни домашниот буџет. Граѓаните велат суплементите за поддршка на имунитетот им се неопходни во комбинација со пропишанате лекови од доктор иако се финансиски товар.
„Превисоки се, не знам дали варира од аптека до аптека“. „Премногу е за нашиот стандард“. „Земав пред некој ден за притисок, покачени се. И дијазепамот е покачен“. „Прескапи се, аналгин е сто денари“. „Има лекови за прочистување на тромбови, сè поскапи лекови, но мора да се земат“, велат анкетирани граѓани.
Од Фармацевтската комора со став маржите на лековите во аптеките не се високи. Цената ја диктираат производителите и добавувачите, влијаат и царинските давачки.
„Знаеме дека трендот на поскапување на суровините, исто така и поскапување на царинските трошоци за увоз на лековите, сето тоа влијае на цената на лекот кај производителите и оттука доаѓа и покачувањето на цените и во аптеките. Не е покачена цената заради маржите во аптеките, маржите се исти, но влезната цена која доаѓа е зголемена“, изјави Весна Ставрова, претседател на Фармацевтската комора.
Според фармацевтите нема простор за намалување на цените на лековите и на суплементите, бидејќи во земјава маржите се најниски во споредба со регионот. Додаваат дека граѓаните најчесто имаат поплаки зошто одредена терапија мораат да ја плаќаат бидејќи не е на позитивна листа .
„Имаме се подобри лекови, комбинации на лекови коишто го олеснуваат третманот на болестите кај пациентите и верувам дека кога оваа листа ќе се прошири голем број од овие комбинирани лекови кои пациентите ги купуваат приватно влезат на фондовската листа ќе се намали трошокот и месечниот буџет што пациентите го одвојуваат за третманот“, изјави Биљана Божиновска од Здружение на приватни аптеки.
Конкуренцијата во фармацевтската трговија во земјава е голема. Доминираат и неколку ланци. Но сепак, дел од лековите кои ги користат пациентите ги нема, па мораат да ги набавуваат од соседството. Од Здружението на приватни аптеки додаваат голем број од фармацевтските компании немаат интерес да го донесат лекот во земјава поради ниските цени и малиот пазар.
Андријана Ѓурческа
