Администрација

Несогласувања за државните вработувања

21.02.2025 17:14

Вицепремиерот Меџити најави дека ќе бидат вработени илјадници Албанци во јавната и државната администрација. На ова реагираше коалицискиот партнер Минчев кој вели дека нема да има паушални вработувања. Министерката за финансии тврди дека за нови работни места нема ставено параф...

Владата има одлука за трансформирање на работниот однос на 1.500 вработени во здравството, кои со години работат на договор на дело, истакна вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити. Претходно на партиски состанок тој најави вработување на 1.000 Албанци во администрацијата. На ист начин одговори и на прашањето-дали за тоа има договор со коалициските партнери.

„Значи има одлука на Владата и нема да играме со луѓето како што играа во минатото и да ги искористиме за избори. Потребни се во здравството, тие треба да бидат постабилни, да имаат решенија на неопределено и да се посветат на подобро здравство“, изјави вицепремиерот и министер за животна средина Меџити.

На изјавата на вицепремиерот на партискиот настан реагираше министерот за јавна администрација Горан Минчев, за кој изјавата на Меџити е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа. Минчев порача-вработувањата во јавниот сектор се одвиваат според потребите и врз основа на квалитет.

„Би го замолил господинот Меџити да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување. Јасно и недвосмислено потенцирам дека сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци“, реагираше министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Стравувања од масовна партизација пред избори изрази и опозицискиот СДСМ.

 

Марина Стојанова-Тонева