Три години од руската инвазија врз Украина

Македонија коспонзор на американската резолуција во ОН за Украина

24.02.2025 16:12

Македонија е коспонзор на американската резолуција за Украина, поднесена во Обединетите нации, која се смета за поблага од онаа на Украина и ЕУ, бидејќи не ги споменува окупираните територии. Вториот документ, пак, користи поостар јазик кон Москва, бара итно повлекување на руските трупи и дава поддршка на територијалниот интегритет на Украина...

На три години од војната во Украина пред Советот за безбедност на ООН, две резолуции. САД повикуваат на брз крај на конфликтот и траен мир меѓу Украина и Руската Федерација. На резолуцијата е коспознор и земјава. Премиерот Мицкоски очекува истата да биде поддржана од мнозинството.

„Одлучивме да бидеме коспонзори на Резолуцијата којашто ја поднесуваат САД. Очекувам истата да биде поддржана од мнозинството во рамките на ООН“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Владата.

Нацрт-резолуцијата од ЕУ и Украина се однесува на целосната инвазија од страна на Руската Федерација и се бара итно и безусловно повлекување на сите сили на Москва, со поддршка за територијалниот интегритет на земјата. На тригодишнината од војната светските лидери во Киев ветија помош и поддршка. ЕУ го усвои 16-от пакет санкции за Русија.

„Ќе ги зголемиме казнените санкции против Русија сè додека не покажат вистинска волја за постигнување траен мировен договор“, рече Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

„Само конкретни и силни безбедносни гаранции ќе обезбедат сеопфатен, праведен и траен мир во Украина и во Европа како целина. Европската Унија е подготвена да направи се што е потребно за да ја поддржи Украина“, нагласи Антонио Кошта, претседател на Советот на ЕУ.

По острата реторика од претседателот Трамп за потрошените средства во војната, Зеленски одново бара Украина, Европа заедно со САД да бидат на преговарачка маса пред Русија. Од Вашингтон уверуваат, преговорите со Москва се неопходни за да се оцени подготвеноста за дипломатско решение на конфликтот.

„Оваа година мора да стане година на почеток на вистински и сигурен мир. Мораме да постигнеме мир преку сила, мудрост и единство – преку нашата соработка со вас“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

За три години, Украина загуби значителни делови од територијата, но со воената помош од западните сојузници успеа да врати некои области. Милиони Украинци ги напуштија домовите, илјадници беа убиени или ранети. Од Москва велат дека ќе престанат да се борат кога ќе го добијат тоа кое го посакуваат од преговорите.

„Ќе ги запреме воените акции кога со овие преговори ќе се постигне цврст, одржлив резултат во корист на Руската Федерација“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Москва бара Украина да ги отстапи петте региони кои се целосно или делумно окупирани, како и откажување на Киев од влезот во НАТО и избори во земјата.

Маријана Димовска