Иванов: Американската награда за слобода е потврда дека Македонија е позитивен пример во регионот

05.08.2014 10:34

Признанието од Фондот за американски студи Иванов го доби за промовирање на економската политика, намалувањето на даночните стапки и невработеностаи за транспарентноста и подобрување на јавното образование...

Претседателот Ѓорге Иванов ја доби американската Награда за слобода. Признанието од Фондот за американски студии од Вашингтон се доделува за унапредување на слободата и слободната економија.

Иванов го доби за промовирање на економската политика, намалувањето на даночните стапки и невработеностаи за транспарентноста и подобрување на јавното образование.

„Особено е привилегија да се биде на листата на тие што досега ја добиле оваа награда, затоа што оваа награда не е само чест, туку и обврзува. Обрвзува да се промовираат идеите за слободата, демократијата и просперитетот. Оваа награда не е моја лична, туку е и награда за Република Македонија, бидејќи се препознаени сите реформи, се она што го прави Македонија за да има успешна економија“, изјави претседателот Иванов во Прага, кадешто ја прими наградата.

Претседателот Иванов нагласи дека сите реформи кои се преземени даваат резултати, а тоа некој го следи и го наградува.

„Македонија преку оваа награда е позитивен пример во регионот како треба да се спроведуваат реформите во сферата на економијата, за да се добие што повеќе благодет и да се отвараат повеќе работни места за младите луѓе- проблем што не е само наш, туку и на целиот континент“, истакна Иванов.