Телефонски разговор меѓу Сиљановска Давкова и Радев, во фокус контруктивниот дијалог на највисоко ниво
Македонската претседателка Сиљановска-Давкова телефонски разговарала со бугарскиот колега, Румен Радев. Двајцата претседатели разговарале за важноста на конструктивниот дијалог на највисоко ниво меѓу двете земји, вклучително и во мултилатералните формати...

Македонската претседателка Сиљановска-Давкова телефонски разговарала со бугарскиот колега, Румен Радев.
Двајцата претседатели разговарале за важноста на конструктивниот дијалог на највисоко ниво меѓу двете земји, вклучително и во мултилатералните формати.
„Овој дијалог е од особено значење како за градење стабилна основа за развој на билатералните односи, така и за справување со регионалните и глобалните предизвици поврзани со обезбедувањето безбедност, борбата против тероризмот и борбата против илегалната миграција“, се вели во соопштение објавено на официјалната интернет страница на бугарскиот претседател Радев.
Радев и Сиљановска Давкова разговараа и на конференцијата во Баку, во ноември, кога македонската шефица на државата укажа дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската унија.
Двајцата претседатели разговараа и за зголемена културна дипломатија меѓу двете земји, но ситуацијата останува статус кво.
Бугарија го наметна ветото на Македонија за членство во Европската унија сè додека земјава не ги внесе и Бугарите во Уставот, но нашите власти инсистираат на одложено дејство, односно прием во ЕУ, па впишување на Бугарите во Уставот како гаранција дека нема да има нови условувања од бугарска страна.
Во април претседателката Сиљановска Давкова заминува за Софија каде што ќе учествува на самитот АКАБА за борба против тероризмот и екстремизмот организиран од Радев и јорданскиот крал Абдула Втори.
Миле А. Ристески
