Здравство

Новината за верификација на телефонски број во системот „Мој термин“ одложена за еден месец

01.03.2025 17:43

Се слушнаа забелешките на матичните лекари. За еден месец е одложена примената на новата измена на „Мој термин“, за прегледи со верификациски код. Ова следи откако доцнеше повратната порака со кодот.

За еден месец е одложена измената на системот „Мој термин“, која предвидува со порака со верификациски код, да се одвива лекувањето на пациентите. Ова следи по реакцијата на здружението на матични лекари, откако доцнеше повратната порака со кодот. Тие укажаа дека ќе отежни нивната работа, пациентите ќе чекаат во ходници кога во ек е сезонскиот грип. Без повратната порака нема да можат да добијат здравствена услуга. Сепак задоволни што надлежните ги слушнале забелешки. Периодов ќе преговараат, но укажуваат дека до април нема да успеат да ги внесат сите телефонски броеви.

„Денеска пробавме сабота не работат 90 отсто од приватните, бргу одеше верификацијата на телефонот но од искуство што го имам запишување на пациенти, примање секогаш кога е во полн ек со работа тешко е да функционира со часови пак ќе чекаме и ќе губиме работа, некои бараат и сами пациенти да го верификуваат има 50 отсто кои не знаат да го употребуваат Мој термин. Не верувам за еден месец да се реши или да се отфрли за нас неприфатливо е такво уште или да се продолжи на подолг период една година, 6 месеци“, посочи д-р Фатмир Асани, претседател на Здружение на матични лекари Куманово.

Новата опција треба да придонесе да се подобрат здравствените услуги и да се намалат пропуштените прегледи. Анализите покажале дека повеќе од 50 отсто од пациентите не се појавиле на прегледите за дојка.

„Во насока на подобрување на достапноста на здравствените услуги за пациентите, во системот Мој Термин е воведена опцијата за верификација на телефонскиот број. Верификацијата е еднократен процес, кој има за цел подобрување на комуникацијата со пациентите“, истакнаа од Управата за електронско здравство„Мој Термин“.

Системот предвидува исклучоци односно без верификација може да се прегледуваат итните случаи.

Децата и изнемоштените лица можат да бидат верификувани преку друго лице, еден телефонски број за повеќе пациенти. А корисниците на мобилната апликација „Мое здравје“ ќе можат самостојно да го внесат телефонскиот број.

Елена Георгиевска