Тошковски: По засилените контроли, бројот на несреќи е намален
Обвинителството издаде насоки за итно постапување при сторени прекршоци во сообраќајот. Целта е навреме да се обезбедат сторителите. Полицијата ги засилува контролите. Сообраќајните несреќи со тешки телесни повреди се намалија некаде околу 30 насто, тврди министерот за внатрешни Тошковски...

Системот „Безбеден град“ ќе придонесе за поголема безбедност и ред во сообраќајот, уверува министерот за внатрешни работи, Тошковски. Иако негово активирање ќе почне од идната година, МВР веќе се прегрупира. Повеќе полицајци имало во канцеларии отколку на терен. Тошковски вели, по засилените контроли, бројот на несреќи е намален.
„Сообраќајните несреќи со тешки телесни повреди се намалија некаде околу 30 насто, со телесна повреда за околу 24 насто. Вкупниот број на сообраќајни незгоди е намален за околу 13 насто за овие 20 дена компаративно гледано 2024-та со 2025-та“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Засилено полициско присуство и во Тетово. Таму дополнителен проблем е хаосот со паркирањето.
За поголема безбедност во сообраќајот, Јавното обвинителство даде насоки за итно постапување. Идејата е веднаш да се обезбеди сторителот, особено при несреќи каде возачот нема возачка дозвола, поминал на црвено, возел пребрзо или пијан, или, пак не застанал да им даде помош на повредените.
Ирина Гелевска
