Македонија

До народните избраници стигнаа одговорите на интерпелациите на петте членови на Судскиот совет

03.03.2025 16:38

До народните избраници стигнаа одговорите на интерпелациите на петте членови на Судскиот совет избрани од Собранието. Какво објаснување дадоа, индивидуална или колективна одговорност за ниската доверба?...

Преседан, кршење на Уставот и законите, непочитување на процедурата – членовите на Судскиот совет за кои е покрената постапка за интерпелација му одговорија на Собранието.

Поранешната претседателка на највисокото судско тело, Дамева, порачува одговорноста мора да биде индивидуална.

„Правната доктрина не познава колективна одговорност, туку одговорноста секогаш мора и треба да биде индивидуална. Секој е одговорен за она што го сторил и неговата одговорност мора да биде утврдена во постапка и на начин согласно уставот“, стои во изјавата на Весна Дамева – член на Судскиот совет.

Нејзиниот колега Адеми не чувствува одговорност, а оценка за неговата работа можеле да дадат само судиите.

„Иако постои обид за некаква конкретизација на наводни пропусти во работењето на членовите, изнесените наводи се многу паушални и се должат на очигледно непознавање на состојбите во судството“, рече Селим Адеми – член на Судскиот совет.

Тања Чачаровска-Илиевска наведува дека документот што и бил доставен е конфузен, нејасен и не конкретизира во што точно се состојат забелешките за нејзината работа.

„Не чувствувам морална нити професионална одговорност. Сметам дека поднесената интерпелација во Собранието на РСМ против мене како член на Судскиот совет е неоснована и му предлагам на Собранието истата да не ја изгласа“, изјави Тања Чачаровска-Илиевска – член на Судскиот совет.

Миљазим Мустафа пак во одговорот до пратениците наведува дека Судскиот совет не е адресата каде што треба да се бара вина за ниската доверба во судството.

„Оваа неоснована и паушална интерпелација не е само обид за лична и професионална дискредитација, туку и напад на независноста на судството во целина“, пишува Миљазим Мустафа.

Павлина Црвенковска смета дека интерпелацијата не може да се примени врз членовите на Судскиот совет.

„Судскиот совет на Република Северна Македонија има индивидуална и институционална независност која е уставно загарантирана и доколку во конкретниот случај биде нарушена ќе претставува сериозен преседан“, пишува Павлина Црвенковска во одговорот.

Интерпелациите ги поднесоа 67 пратеници од владејачкото мнозинство. Сметаат дека се одговорни за ниската доверба во судството.

Анита Димитријевска - Велковска