Образование

Јаневска: Потребни се модерни студиски програми

03.03.2025 16:00

УКИМ воведува дигитализација, ќе почне од основните студентски сервиси за да се избегнат долгите редици за заверка на семестри и пријавување на испити. Владата издвои над 3,7 милијарди денари од буџетот за УКИМ, платите на голем дел од вработените на државните универзитети. Синдикатот и министерката се согласни дека ова треба да донесе до унапредување на науката...

УКИМ воведува дигитализација, ќе почне од основните студентски сервиси за да се избегнат долгите редици за заверка на семестри и пријавување на испити. Приоритет ќе биде и квалитетот на наставата, а ќе се кратат и студиските програми.

„Кратењето на програмите е поврзано со процесот на акредитација. Го очекуваме и новиот закон за високо образование каде што ќе се врати модуларноста на студиските програми што само по себе подразбира дека ќе имаме помал број на студиски програми, она што сега е расплинато во посебни програми ќе биде компримирано во посебни модули“, изјави проф. Биљана Ангелова – ректорка на УКИМ.

„Треба модернизација на студиските програми, треба намалување на огромниот број на студиски програми. Треба поголемо внимание и фокус на вистински иновации поврзани со науката и технологијата и се ова ќе се прави континуирано во следниот период“, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Владата издвои над 3,7 милијарди денари од буџетот за УКИМ. Платите на голем дел од вработените на државните универзитети се зголемени за околу 14 проценти. Синдикатот и министерката се согласни дека ова треба да донесе до унапредување на науката.

„Да имаме подобро, поквалитетно образование, а тоа го покажува и поддршката од страна на министерството со покачувањето на процентот на издвоени средства за наука. Се надевам дека во иднина доаѓаат подобри времиња за универзитетите, за УКИМ, за вработените и за студентите“, рече Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикати на УКИМ.

Намалување на студиските програми, повеќе практична настава, се дел од реформите за подобрување на квалитетот на образованието во земјава.

На една маса надлежните од Владата и академската фела дебатираа како да се подобри квалитетот во високото образование, универзитетот да се позиционира на реномираните ранг листи.

Андријана Ѓурческа