Свет

САД: Воената помош за Украина на пауза

04.03.2025 08:15

САД ја запреа воената помош за Украина. Паузата ќе трае сè додека Трамп не заклучи дека украинските лидери покажуваат добра волја да постигнат мир. Сè погласни се најавите дека се подготвува средба Трамп-Путин …

Соединетите држави ја паузираат воената помош за Украина, соопшти Белата Куќа. Според светските агенции, паузата ќе трае сè додека Трамп не заклучи дека украинските лидери покажуваат добра волја да постигнат мир. Договорот за ставање крај на непријателствата може да се направи многу брзо, но се чини Зеленски не е заинтересиран, изјави американскиот претседател. Шефот на Белата Куќа за денеска рече дека ќе објави „нешто големо“ на заедничката седница на Конгресот потенцирајќи дека – Доналд Трамп е единствениот претседател кој не му предал дел од Украина на рускиот лидер Путин и покрај критиките од демократите и „лажните вести“.

„Мислам дека за танго се потребни двајца и ќе треба да склучите договор со Русија и ќе треба да склучите договор со Украина. Ќе треба да имате согласност од европските нации, бидејќи мислам дека тоа е важно. Мислам дека сите мора да влезат во соба и ние треба да се договориме, а договорот може да се направи многу брзо. Сега, можеби некој не сака да се договори. И ако некој не сака да склучи договор, мислам дека таа личност нема да биде многу долго во близина. Таа личност нема долго да се слуша“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во меѓувреме, Велика Британија потврди дека е согласна за испраќање свои војници во Украина. Премиерот Стармер нагласи дека за успешно извршување на ваквите мисии потребна е силна поддршка од САД.

„Британија ќе игра водечка улога, доколку е потребно, и заедно со другите, чизми на земја и авиони во воздух. Во ред е Европа да ја изврши тешката задача за да го поддржи мирот на нашиот континент. Но, за да успее, овој напор мора да има и силна поддршка од САД. Сепак, чувствувам дека иднината на Украина е од витално значење за нашата национална безбедност“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.

Планот „Ревооружи ја Европа“ ќе им биде претставен на земјите-членки, потврди претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Најавата доаѓа по самитот во Лондон на кој се разговараше за тоа како да се унапреди процесот Украина и Русија да најдат мир.

„Ние сакаме траен мир, но траен мир може да се изгради само на сила и силата започнува со зајакнување на самите себе, а тоа е целта на планот што ќе им го претставам на земјите-членки“, нагласи Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.

Се погласни се тврдењата дека тимови од Вашингтон и Москва работат на средбата Трамп – Путин. Претседателот Зеленски изјави дека Киев не е запознаен со тактиката на САД.

Маријана Димовска