Животна средина

Се раззеленува каналот Студенчишта во Охрид

08.03.2025 18:25

Со стотина садници се раззелени каналот Студенчишта во Охрид. Еко акција на иницијативата „Збогум Буково“ за намалување на аерозагадувањето…

Со садење на сто садници Чинар, иницијативата „Збогум Буково“ започна зелена офанзива против аерозагадувањето. Наместо да се подарува цвеќе, денес повикаа симболично да се засади дрво за Денот на жената. Со денешната еко-акција се раззелени каналот Студенчишта долж пешачката патека, ќе продолжи засадување нови задници за збогатување на зелената инфраструктура во градот.

„Нашите планови се постојано да реагираме до надлежните, да се бориме за она што е почната иницијативата за решавање на неколкудеценискиот проблем со депонијата во Охрид и формирање на регионална депонија во Новаци. Меѓутоа во меѓувреме преземање мерки и правење зелена инфраструктура, засадување Чинари и други видови дрва раззеленување секаде каде што нема бидејќи градот се гуши во загаден воздух“, вели Ѓоко Зороски, еколог од „Збогум Буково“.

Садењето Чинар во населени места го намалува влијанието на климатските промени, но и загадениот воздух.

„Знаеме дека со урбанизацијата и со сечењето на дрвјата кое е пракса секаде во земјава неконтролирано и плански многу од нашите дрвореди се уништени. Идејата е да се зголемат зелените површини и да почнеме да размислуваме за тоа што значат урбаните шуми во борбата против аерозагадувањето“, вели Драгана Карашова, екологист.

Свое дрво си засадија голем број охриѓанки, но и туристки од земјава и странство, а во чест на своите жени и мајки, садеа и момчиња и мажи.

Соња Рилковска