Македонскиот јазик ќе живее сѐ додека се грижиме за него и го говориме
Сѐ додека се грижиме за него и го говориме, македонскиот јазик ќе живее- порака од трибината во Македонската академија на науките и уметностите, посветена на статусот на нашиот мајчин јазик. Од таму со став, набргу очекуваме да профункционира инспекторатот, кој ќе се грижи за споведување на Законот за употреба на македонскиот јазик и ќе ги казнува непочитувачите.

Македонскиот јазик ќе живее сѐ додека се живи оние кои го говорат и се грижат за него, вели стручната фела во Македонската академија на науките и уметностите. Напредување има во правец на збогатувањето на јазикот, а назадување во неговата јавна употреба и нереткото ставање во втор план, велат македонските академици.
Негрижата кон нашиот мајчин јазик, ја наметна потребата за носење на Законот за употреба на македонскиот јазик, велат од Академијата. Додаваат дека за спроведувањето на законот и изрекувањето на казни, надлежен ќе биде инспекторатот, чие формирање е во тек.
И огромното дијалектно богатство на целата јазична територија на Македонија, мора да се чува и негува, порака од трибината.
Македонскиот јазик има 56 различни говори, а стандардниот македонски јазик ги обединува говорници од сите географски региони на Македонија.
Марија Котовска
