Македонија

Мицкоски: Ги труеле граѓаните со канцероген мазут за да се стекнат со богатство, секој кој се огрешил пред законот ќе одговара

12.03.2025 14:04

Нагласи дека довербата во судството е таква каква што е, но секој оној којшто се огрешил пред законот ќе одговара, без разлика за кого станува збор.

Премиерот Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос акцијата на МВР за случајот канцероген мазут и мерките издадени од судот, изјави дека секој кој се огрешил пред законот треба да одговара.

„Не би ги коментирал одлуките на судот. Тоа сум го кажал многу пати во минатото. Но, можам да кажам дека овие луѓе коишто правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, практично се богателе на грбот на македонските граѓани со тоа што користеле, ете такви недозволиви, би рекол, средства и согорувале таков тип на недозволиви материи со што го загрозувале животот и го уништувале единственото право на живот коешто е уставно гарантирано за сите граѓани“, изјави премиерот Мицкоски.

Нагласи дека довербата во судството е таква каква што е, но секој оној којшто се огрешил пред законот ќе одговара, без разлика за кого станува збор.

Мицкоски се заблагодари на Министерството за внатрешни работи, на Бирото за јавна безбедност и останатите припадници на МВР коишто беа вклучени во акциите. Ги охрабри акциите коишто се во насока на борба против организираниот криминал.