Тошковски: Пиротехниката била на бендот, лиценцата на дискотеката била фалсификувана- ќе се приведуваат уште лица за трагедијата во Кочани
Тошковски кажа дека постоеле низа неправилности во рамки на објектот, како што соопштија и од Обвинителството. Прекршени се повеќе стандарди кои се косат со правилата за противпожарна заштита, имало само два ПП апарати, немало излезни врати, а противзаконски биле користени пиротехнички средства...

Сè уште трае распитот на осомничените за трагедијата во Кочани. Меѓу нив е и екс-министерот за економија, Крешник Бектеши. Приведен е и сопственикот на дискотеката, припадници на обезбедувањето, пазарни и трудови инспектори.
Пиротехниката во објектот ја внел бендот, лиценцата на дискотеката била фалсификувана, изјави на прес-конференција министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. За 12 лица е определен 48-часовен притвор.
Тошковски кажа дека постоеле низа неправилности во рамки на објектот, како што соопштија и од Обвинителството. Прекршени се повеќе стандарди кои се косат со правилата за противпожарна заштита, имало само два ПП апарати, немало излезни врати, а противзаконски биле користени пиротехнички средства. Немало писмен договор меѓу организаторот и изведувачите, што значи дека концертот бил одржан „на диво“.
„Системот е корумпиран на такво ниво што имаме катастрофална состојба во повеќе институции кои требало да постапуваат во овој случај. Во текот на денешниот ден ќе има доста голем број на лица кои ќе бидат приведени, вклучувајќи и во МВР. Можам да заклучам дека Македонија нема систем“, изјави министерот Тошковски.
Нагласи дека во наредниот период ќе бидат спроведени темелни инспекциски контроли кои ќе ги извадат на површина сите системски пропусти кои ги имаме како држава.
„Корупцијата и криминалот не доведуваат до фаза да ги губиме животите на нашите деца … или ќе смениме нешто во оваа држава, или ќе ја немаме“, рече Тошковски.
Министерот нагласи дека досега обдукција е направена на 15 лица, 45 од повредените со во критична состојба и се транспортираат во странство.
