Ќе се приведуваат уште лица

17.03.2025 11:58

Тошковски кажа дека постоеле низа неправилности во рамки на објектот. Прекршени се повеќе стандарди кои се косат со правилата за противпожарна заштита, имало само два ПП апарати...

Прскалките, кои требало да го надополнат сценскиот настап на музичкото дуо, а беа фатални за 59 наши сограѓани, во дискотеката ги внел член на бендот, кој загина во инцидентот. Ова го потврди министерот Тошковски, кој рече дека информацијата ја дал припадник на групата. Пиротехниката се користела незаконски. Ќе се проверува колку парчиња се запалиле кобната вечер и дали за овој пиротехнички спектакл е потребна дозвола. ДНК немале договор со дискотеката за настап, а салата била небезбедна за одржување настапи од ваков тип.

Во критична состојба се 45 лица. Досега се приведени 23-ца, но бројката ќе расте – категоричен е министерот. За 11-мина е определен краткотраен притвор.

Тошковски најавува засилени контроли на сите дискотеки, клубови и кабареа за да се провери дали ја имаат потребната лиценца за работа, но и дали ги исполнуваат безбедносните критериуми.

Анита Димитријевска – Велковска