мвр

Тошковски: Противзаконски биле користени пиротехничките средства, концертот бил одржан на диво

17.03.2025 14:41

Распит на осомничените за трагедијата во Кочани. Меѓу нив е и екс-министерот за економија, Крешник Бектеши. Приведен е и сопственикот на дискотеката, припадници на обезбедувањето, пазарни и трудови инспектори. Пиротехниката во објектот, наменет за лесна индустрија, ја внел бендот ДНК што настапувал на диво, откри министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски...

Прскалките, кои требало да го надополнат сценскиот настап на музичкото дуо, а беа фатални за 59 наши сограѓани, во дискотеката ги внел член на бендот, кој загина во инцидентот. Ова го потврди министерот Тошковски, кој рече дека информацијата ја дал припадник на групата. Пиротехниката се користела незаконски. Ќе се проверува колку парчиња се запалиле кобната вечер и дали за овој пиротехнички спектакл е потребна дозвола. ДНК немале договор со дискотеката за настап, а салата била небезбедна за одржување настапи од ваков тип.

Во критична состојба се 45 лица. Досега се приведени 23-ца, но бројката ќе расте – категоричен е министерот. За 11-мина е определен краткотраен притвор.

Тошковски најавува засилени контроли на сите дискотеки, клубови и кабареа за да се провери дали ја имаат потребната лиценца за работа, но и дали ги исполнуваат безбедносните критериуми.

Анита Димитријевска – Велковска