Трагедија во Кочани

Дискотеката требало да биде објект за лесна индустрија, вели директорот на Градежниот инспекторат

17.03.2025 14:27

Одговор како дошло до тоа објектот да се користи за диско треба да дадат надлежните служби. Проблемот го гледа во тоа што иако според документацијата за тогашната намена соодветствуваат условите, сепак, не се за дискотека во која ќе има 500 посетители...

Само дел од смртоносната дискотека во Кочани од 50 метри квадратни е легализиран, другиот поседува дозвола од ’99-та година, според тогашните закони за градење согласно урбанистичкиот план, пак, и стариот и новиот, тоа всушност требало да биде објект за лесна индустрија, вели за МТВ директорот на Градежниот инспекторат, Реџепи.

Тој додава дека одговор како дошло до тоа објектот да се користи за диско треба да дадат надлежните служби. Проблемот го гледа во тоа што иако според документацијата за тогашната намена соодветствуваат условите, сепак, не се за дискотека во која ќе има 500 посетители.

Катастрофата можела да биде уште поголема, но цела среќа во оваа несреќа било, според наодите на инспекторите, тоа што кровот бил железен па тој не паднал врз посетителите. Спорно е сè уште дали и колку материјалите за обложениот таван биле огноотпорни, додава Реџепи.

Директорот на Градежниот инспекторат не можеше да каже дали и колку контроли претходно биле направени на објектот, затоа што тоа не е во нивна надлежност. Но, смета дека е клучно при пренамена на објектите, да се обезбедат услови соодветни на пренамената.

Фиљана Кока