Интензивно се гради автопатот Кичево-Охрид

06.08.2014 16:50

Новата делница ќе го намали растојанието меѓу двете општини, а ќе значи дополнителен поттик за развој на стопанството во регионот...

Интензивно започна изградбата на автопатот Кичево-Охрид, инвестиција тешка 374 милиони евра. Се монтираат главните бетонски бази, се прават пристапните патишта, се градат бараките каде ќе престојуваат работниците. Изведувач е кинеската компанија „Синохидро лимитед“, а главни подизведувачи се македонските Гранит и Трансмет.

„Засега имаме ангажирано околу 6 македонски подизведувачи, со кои одлично соработуваме како тим. Ние донесовме 40 градежни инжинери, а од Македонија се ангажирани уште 60-тина, понатаму ќе ни требаат уште многу повеќе инжинери и работници“, истакна Пекси Лио, менаџер во „Синохидро лимитед“.

Сите подизведувачи масовно го зголемуваат бројот на вработени.

„Најголемиот дел од коперантите ги земаме од Кичево. Само за овој објект тука од патот имаме донесено плус 14 луѓе, а сите работници тука се околу 45, имаме ангажирано 25 возила и 9 машини засега“, вели Ацо Ѓуровски, градежна фирма.

Сега главните градежни активности се сконцентрирани кај селото Попоец каде ќе биде и најтешкото пробивање на трасата.

Автопатот Кичево-Охрид треба да биде долг 56 километри. За брзо врме треба да започне изградбата на најголемиот тунел во Македонија со должина од 2 километри.

Бизнисмените очекуваат бројот на вработени постојано да се зголемува.

„Се појавува недостиг на работна рака кај приватниците кои се членки на нашата комора, се очекува само од овој крај да бидат ангажирани од 400 до 500 луѓе“, вели Игор Соколески, Претседател на регионална стопанска комора – Кичево.

„Инсистирам што е можно повеќе локални фирми и работници да бидат ангажирани од тука од Кичево, тоа би значело многу за економскиот развој на овој крај“, истакна Благоја Деспотоски, пратеник.

Автопатот треба да биде завршен за четири и пол години.

 

Дарко Штаргоски