Свет

Нова рунда разговори за ставање крај на војната во Украина

24.03.2025 16:19

Откако се сретнаа со претставници од Киев, тимот од Вашингтон на состанок во Саудиска Арабија и со руски претставници. Од Кремљ велат дека има согласување за одредени прашања, но претстои многу работа. На фронтот, руските напади продолжија и покрај тоа што Путин се согласи да ги паузира гранатирањата врз енергетската инфраструктура. Зеленски го повика светот да изврши поголем притисок врз Москва.

Втора рунда разговори меѓу Русија и САД во Ријад за решавање на украинскиот конфликт. Во ексклузивниот „Риц Карлтон“, Вашингтон се обидува да постигне да запрат воените дејствија во Црно Море пред да се постигне целосниот мировен договор. На дневен ред е црноморската иницијатива за извоз на украинско жито што беше запрена од Москва преклани со обвинување до западот дека не ги исполнил обврските за испораките на храна и извозот на ѓубрива, но и за безбедноста на руската пловидба во Црноморието.

„Зборуваме за желбата и подготвеноста на земјите да се придвижат кон мирно решение. Овде навистина постои заедничко разбирање. Што се однесува до техничките прашања, знаете дека се водат преговори во Ријад меѓу нашата и американската делегација за одреден дел од техничките прашања и сè уште има различни теми и прашања на кои треба да се работи“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Специјалниот пратеник на Трамп, Виткоф, оптимист за преговорите со Москва истакнувајќи дека Путин сака мир. Ден претходно во Ријад се состанаа украинскиот и американскиот преговарачки тим. Делегацијата од Киев ја оцени средбата како продуктивна. Зеленски го повика светот да изврши соодветен притисок врз Москва, поточно врз Путин, велат од шефот на Кремљ зависи мирот. На удар на руската војска е и дигиталниот систем на државната железница.

„Мора да се изврши притисок врз Русија за да го запре овој терор. А тоа зависи од сите наши партнери – САД, Европа и другите во светот. По последниот состанок во Џеда, Саудиска Арабија, на целиот свет му стана апсолутно јасно: Русија е единствената што ја одолговлекува војната. Путин мора да биде притиснат за да издаде вистинска наредба за запирање на нападите“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Шефицата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Калас, одново посочи дека Русија брутално го нарушува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Од кинеското МНР негираат дека Пекинг би можел да испрати мировници во Украина за спроведувањето на можниот мировен договор. Војната сепак продолжува, над 140 напади се регистрирани, 28 повредени во Суми, Харков, Доњецк и Запорожје. Воените заробеници се разменуваат со посредство на Емиратите.

Маријана Димовска