Куманово

Да се заштитат социјалните работници, побараа вработените од Центарот за социјална работа

26.03.2025 16:44

Да се заштитат социјалните работници, кои секојдневно се соочуваат со притисоци, побараа вработените од центарот за социјална работа во Куманово. Тие излегоа на мирен протест по инцидентот со нивната колешка од Прилеп. Протест требаше да се одржи и во Скопје. Претседателот на синдикатот обвини за притисок од надлежните...

Вработените во Центарот за социјална работа Куманово на мирен протест, по инцидентот којшто се случи со нападот на нивната колешка од Прилеп. Членовите на синдикалната организација побараа да се преземат итни мерки и тие да бидат заштитени. Укажаа дека социјалните работници, но и сите останати стручни лица, кои работат со ранливите категории, вклучувајќи ги и лицата со нарушено ментално здравје, секојдневно се соочуваат со закани и притисоци.

Ваквиот напад побараа да се третира како напад на службено лице. Да се постави обезбедување во центрите, како и да се обезбеди додаток на плата, бидејќи работат со ризична категорија.

„Денес сме излезени на собир да изразиме поддршка до нашата колешка од социјална работа Прилеп, со надеж дека ќе се опорави што поскоро и воедно да апелираме до надлежните институции да обезбедат подобри и побезбедни услови за работа“, изјави Мирослава Илиевска, член на синдикат на УПОЗ Куманово.

На протест требаше да излезат и вработените во Скопје. Но претседателот на Синдикатот обвини за закани од Министерството за труд и социјална и раководителите, дека доколку излезат на протестот ќе бидат избркани од работа или прераспоредни. На прес-конференција излезе само тој.

„За среќа нашата колешка е во добра состојба а УПОЗ ќе ѝ даде секаква правна и финансиска поддршка. Но, нејзините колеги беа замолчени, и исплашени. Никој не смее да ги брка од работа или да им се заканува затоа што сакаа да издејствуваат конечно обезбедување на побезбедни услови за работа“, посочи Трпе Деаноски, претседател на синдикат на УПОЗ.

Според Деаноски апсурдно е да се забрани социјални работници да излезат и дадат поддршка на колешка.

Во Прилеп завчера социјална работничка на работно место, беше застрелана, од лице на чиј случај работела. Пукањето е голема траума за сите вработени.

 

Елена Георгиева