Инспекцијата со полна пареа во контролирање на објектите
Продолжуваат инспекциските контроли во угостителските објекти и објектите за организирање на собири. Дел од оние што ги немале потребните документи дека ги исполнуваат техничките стандарди се затворени или одземена им е лиценцата…

Засилени вонредни инспекциски контроли во сите објекти од јавен карактер. По градинките, училиштата, културните установи и станбените згради, сега се проверуваат и спортските сали. Се прави увид дали во целост се исполнуваат услови за противпожарна заштита. Првиот човек на арената „Борис Трајковски“ за МТВ вели дека кај нив нема неправилности.
Општините веќе им најавија на управителите на зградите дека мора да ги исполнуваат сите услови за противпожарна заштита. Во најскоро време писмено да ги известат за состојбата со ПП опремата. Од ЗЕЛС велат дека повеќето од општините се на терен и редовно вршат контрола.
Само на територија на општина Карпош, од 800 згради, само една ги исполнувала условите за безбедност, вели градоначалникот. Пишани се 21 казна на локали кои не отпочнале постапка за обновување на дозвола. Имало и два ноќни клубови кои одбиваат соработка со инспекторите.
За противпожарни апарати се чека и до една недела, а нивната цена почна да расте. За 10-тина дена, компаниите кои ги увезуваат, продале противпожарна опрема како за цела година.
Министерството за транспорт, како последно, објави дека по спроведени контроли во 640 фирми за проектирање, дури 15 проценти од нив не ги исполнувале законските услови за работа, по што им се одземени лиценците.
Борис Грујоски
