Денес се враќаат пет пациенти од странство, четворица сè уште се критични
Состојбата на повредените во пожарот во Кочани е непроменета. 16 кои се лекуваат во болниците во Скопје се во добра општа состојба. За денеска е најавено враќање на уште пет повредени кои се лекуваат во странство. Четворица се сè уште критични…

Во здравствените установи во земјава се лекуваат 16 пациенти кои беа повредени во пожарот во кочанската дискотека, сите се во добра здравствена состојба. Во клиниките во странство пак има 89, во потешка состојба се четворица, подобрување на состојбата има кај двајца од нив кои се лекуваат во Солун.
„Кај нас се извршени неколку операции со трансплантација на кожа во градската болница и на пластична хирургија, за пациентите кои се наоѓаат во странство во зависност од здравствената состојба и тријажата кога ќе дојдат на конзилијарен преглед ќе видиме дали ќе треба да се направат нови операции или рехабилитација“, изјави д-р Игор Мерџановски, Клиника за трауматологија.
Два месеци пред да се случи несреќата во Кочани, лекарите имале симулациска вежба со слично сценарио, кое, како што вели доктор Мерџановски, им помогнало, затоа што се обновила координацијата меѓу институциите за спасување цивили во кризни ситуации. При транспортот на пациенти учествувале Итната медицинска помош и хеликоптерите на МВР.
„Сценариото беше Ласкарци, имаше пожар, имаше изгорени и повредени пациенти. Најважно ни беше што на таа вежба ги формиравме системите и кризните штабови, кога се случи трагедијата во Кочани ние веќе имавме кризни штабови кои беа оформени и поврзани меѓу себе“, изјави д-р Мерџановски.
Првите пациенти биле примени од дежурниот тим на Клиниката за пластична хирургија и на Ургентниот центар. Лекарите и останатиот медицински персонал брзо се организирале, предизвик бил големиот број повредени пациенти.
„Откако беа известени остатокот од медицинскиот персонал, лекари и медицински сестри, болничари, поголемиот број за околу 40 минути беа на Клиниката. Ние знаеме да ги третираме овие пациенти, предизвикот беше нивната бројка, да се направи добра тријажа, да се овозможи третман и нега како што заслужуваат за да се намали бројот на грешки што можат да се случат“, изјави д-р Гордана Георгиева – Клиника за пластична хирургија.
За пациентите кои се на домашно лекување во кочанската болница има тим од пластични хирурзи кои им вршат преврски и контроли на повредените.
Андријана Ѓурческа
