Македонија

Советот на јавни обвинители против разрешување на Коцевски

02.04.2025 14:26

Советот гласаше, Коцевски треба да остане републички јавен обвинител. Дадено негативно мислење за предлогот за разрeшување. Дискусијата за предлогот за разрешувањето се одвиваше зад затворени врати со цел заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител. Коцевски не присуствуваше на седницата...

Со мнозинство од шест гласа Советот на јавни обвинители даде негативно мислење, односно се изјасни против предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Од деветтемина членови на Советот, предлогот на Владата за разрешување го поддржаа тројца членови на Советот, Кети Петкова, Ардијан Демири и Марјана Илиеска. На седницата не присуствуваше јавниот обвинител Коцевски.

Дискусијата за предлогот за разрешувањето се одвиваше зад затворени врати со цел заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител, и доказите и информациите кои се содржани во неговото произнесување по предлогот, поврзани со постапките кои се водат за двајца обвинители.

Постапката за разрешување на Коцевски по трагедијата во Кочани доби сосема друг тек, бидејќи владата одлучи да ја запре поради фактот што во тек е истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“, на која работи тим од 11 обвинители.

Владата уште од претходно се изјасни дека постапката ќе запре, дури и доколку Советот дадеше позитивно мислење за разрешување на Коцевски.

Игор Панов