Речиси половина од судовите лани биле неажурни
Од 34 судови, ажурни биле 18, а неажурни се 16 од кои три се апелациски, 12 основни и Вишиот управен суд...

Речиси половина од судовите од државата лани биле неажурни – покажува извештајот за работата на судовите за 2024 година кој се разгледуваше на денешната седница на Судскиот совет.
Од 34 судови, ажурни биле 18, а неажурни се 16 од кои три се апелациски, 12 основни и Вишиот управен суд. Судовите мината година ја почнале со нерешени 131.005 предмети, а примиле за работа нови 569.958 предмети, односно вкупно за работа имаме 700.739 предмети. Од нив успеале да решат 566.010, а не решиле 134.729 предмети.
Според извештајот, ажурни биле Врховниот суд, основните судови во Гостивар, Дебар, Тетово, Велес, Гевгелија, Кавадарци, кривичниот суд Скопје, Неготино, Кратово како и Апелацискиот суд Скопје.
Како неажурни се оценети Апелацискиот суд Гостивар и основните судови од Крива Паланка, Куманово како и Основниот граѓански суд Скопје.
Судскиот совет го усвои извештајот за работата на судовите за лани со 13 гласови.
