Лавина реакции откако САД му објави трговска војна на светот
САД му објави историска трговска војна на светот. Трамп воведува основна царина од 10 насто на увозот од сите земји и уште повисоки царини за 60 други, меѓу нив и за Македонија. Новите трговски практики предизвикаа лавина реакции на светските лидери. Аналитичарите со предупредување- ризичниот потег на Трамп се заканува да ја втурне економијата во пад и да ги уништи повеќедецениските сојузи. Светските берзи веќе бележат пад…

САД му објави историска трговска војна на светот. Воведува основна царина од 10 насто на увозот од сите земји и уште повисоки царини за 60 други, меѓу нив и за Северна Македонија-33 насто. Производите од ЕУ ќе се царинат со 20%. Трамп ги објави тарифите за кои тврди, повторно ќе ја преродат американската индустрија и ќе ја збогатат земјата.
„Хроничните трговски дефицити повеќе не се само економски проблем. Тие се национална вонредна состојба што ја загрозува нашата безбедност и начин на живот, многу голема закана за нашата земја. И од овие причини, спроведуваме реципрочни царини за другите нации. Ова е моментот кога ќе ја збогатиме Америка повторно! Нашите работници и бизниси беа жртви на странски мршојадци, но тоа завршува денес“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Новите трговски практики на Вашингтон посебно ги погодија Канада, Мексико и Кина. Мерките предвидуваат дополнителни царини од 34 насто за сите кинески производи, покрај веќе наметнатите 20 проценти. Од денеска стартуваат и царините од 25 насто за сите автомобили увезени од странство. Вознемиреноста расте, реакциите не стивнуваат. Кина најави одлучни контрамерки, Канада ќе се бори со сета сила, а Австралија е лута и бара преговори. Реагираа и од Брисел, предупредуваат на страшните последици ширум светот. Макрон свикува кризен состанок со погодените бизниси.
„Мерките на САД вештачки ги прекинуваат врските на производството и синџирот на снабдување. Тоа само ги истакнува унилатерализмот, протекционизмот и силеџиската природа на мерките на САД“, рече Хе Јадонг, портпарол на Министерството за трговија на Кина.
„Од клучно значење е да се дејствува со цел и со сила, и тоа е она што ќе го направиме“, изјави Марк Карни, премиер на Канада.
„Ова не е чин на пријател. Ова ќе ја зголеми несигурноста во глобалната економија ќе ги зголеми трошоците за американските домаќинства. Нема да се приклучиме на трката до дното што води до повисоки цени и побавен раст“, нагласи Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
„Последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе ширум светот. Се согласувам со Трамп дека неправедно се искористуваат сегашните правила и подготвена сум да го поддржам да го направиме глобалниот трговски систем погоден. Од самиот почеток сме подготвени да преговараме, да ги отстраниме преостанатите бариери за трансатлантската трговија, но во исто време, подготвени сме и да одговориме“, изјави Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Трамп доби укор и од американскиот Сенат. Демократите добија поддршка од неколку републиканци. Усвоија резолуција со која го бојкотираат претседателот да воведе царини за Канада. Аналитичарите предупредуваат дека ризичниот потег на Трамп се заканува да ја втурне економијата во пад и да ги уништи повеќедецениските сојузи. Глобалните акции веќе забележаа голем пад.
Бојана Крстевски
