Дводневен НАТО состанок на министрите за надворешни работи во Брисел
Поддршката за Украина, колективната одбрана и зајакнувањето на партнерствата во фокусот НАТО-состанокот во Брисел. Генералниот секретар вели дека очекувањата се Европа да направи повеќе за трошоците за одбрана.Трамп не е против Алијансата, остануваме во НАТО, став на американскиот државен секретар.На дводневниот состанок на министрите за надворешни работи е и шефот на дипломатијата Муцунски.

Колективната одбрана, Украина и зајакнувањето на партнерствата во фокусот на дводневниот НАТО состанокот на министрите за надворешни работи на 32. Членки, во Брисел. Генералниот секретар, вети континуитет во поддршката за Киев, нагласувајќи ја посветеноста на Алијансата кон глобалната стабилност.
„Очекувањата се Европејците и Канаѓаните да потрошат повеќе. Ова е веројатно најголемото зголемување на трошоците за одбрана од падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година. Постои јасна посветеност на САД, јасно очекување дека ќе ги изедначиме трошоците овде на европската страна на НАТО со она што тие го прават. И поради руската закана, но и поради Кина“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Трамп не е против НАТО, остануваме во алијансата и ја поддржуваме, богатите земји се способни да направат повеќе, вели американскиот државен секретар по прашањето за трошоците за одбраната.
„Секоја од земјите на НАТО мора да оствари трошоци за одбрана еднакви на пет проценти од БДП, вклучувајќи ги и Соединетите Држави. Ако заканите се навистина толку страшни колку што верувам дека се и членовите на оваа алијанса веруваат исто така, тогаш заканата се соочува со целосна и вистинска посветеност“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Мирот на европскиот континент и поддршката за Украина е клучна, едногласни се министрите на првиот ден од состанокот што е и подготовка за јунскиот самит на НАТО во Хаг.
„800 милијарди евра во текот на четири години ќе ја зајакнат нашата сопствена безбедност. Бидејќи е јасно дека заканата доаѓа од Русија и Путин и тоа е закана за сите нас“, изјави Аналена Баербок, министерка за надворешни работи на Германија.
„Секако дека им веруваме на САД, нема сомнение во тоа. Сепак, крајно време е и Европа да се грижи за својата домашни задачи“, изјави Лина Валтонен, министерка за надворешни работи на Финска.
„Имав многу добра дискусија со мојот колега Марко Рубио, и тој многу го цени она што Шведска го прави за трошоците за одбрана и се разбира, очекува Европа да направи повеќе“, изјави Марија Малмер Стенергард, министерка за надворешни работи на Шведска.
На фронтот во Украина и во пограничните области на Русија продолжуваат нападите со беспилотни летала. Кремљ тврди – Путин е отворен за мировни преговори, Зеленски бара да се изврши дополнителен притисок врз Москва. За Вашингтон, прекинот на огнот е блиску, но и двете страни ќе мора да се откажат од одредени барања.
Маријана Димовска
