Лабудовиќ: Македонија е подготвена да стане стратешка транзитна точка за гас кон Европа
На маргините на конференцијата, заменик-министерот Лабудовиќ и раководителот на секторот нафта и гас во Министерството за енергетика, Горан Николовски, остварија средби со претставници од Азербејџан, ЕУ и членови на присутните делегации...
Заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ ја предводеше македонската делегација на 11-та министерска средба на Советодавниот совет за Јужниот гасен коридор (SGC) и 3-та министерска средба на Советодавниот совет за Зелена енергија, што се одржа во Баку, Азербејџан.
Во присуство на високи претставници од ЕУ, министри од регионот и енергетски компании, Лабудовиќ испрати јасна порака-Македонија е подготвена да стане стратешка транзитна точка за гас кон Европа.
„До крајот на годината започнуваме со изградба на нов гасовод кон Грција, што ќе нè поврзе со Трансјадранскиот гасовод и ќе овозможи директен пристап до алтернативни извори на снабдување“, истакна Лабудовиќ во своето обраќање. Тој нагласи дека ова не е само инфраструктурен проект, туку клучен чекор за зацврстување на позицијата на Северна Македонија како сигурен партнер во европските енергетски стратегии.
На маргините на конференцијата, заменик-министерот Лабудовиќ и раководителот на секторот нафта и гас во Министерството за енергетика, Горан Николовски, остварија средби со претставници од Азербејџан, ЕУ и членови на присутните делегации од 24 земји, 7 меѓународни финансиски институции и 42 енергетски компании, со кои во фокусот на разговорите беа унапредување на соработката во областа на природниот гас, обновливите извори и борбата со метанските емисии.
Со учеството на оваа средба, како и претходните посети на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и министерката Сања Божиновска, македонската делегација ја потврди посветеноста на земјата да биде активно вклучена во регионалните и европски иницијативи за енергетска безбедност и зелена транзиција.
„Гасната соработка со Азербејџан е директен придонес за намалување на зависноста и обезбедување на алтернативни извори на снабдување со цел стабилност на европскиот пазар. Северна Македонија е подготвена да биде дел од решението“-заклучи Лабудовиќ.
