Министерот Минчев потпиша Меморандум за соработка со словенечкиот колега, Франц Пропс
Македонскиот министер за јавна администрација Горан Минчев потпиша Меморандум за соработка со словенечкиот колега, Франц Пропс. Словенија е поддржувач на европската интеграција на Македонија и пренесувањето на словенечките искуства дополнително ќе придонесе кон тој процес, беше истакнато на заедничката прес-конференција на двајцата министри...

Македонија ќе ги користи добрите практики на Словенија, со цел забрзување на реформските процеси во јавната администрација. Македонското и словенечкото министерство за јавна администрација потпишаа меморандум, со цел зајакнување и модернизирање на нашата администрација и обезбедување поквалитетни и поефикасни услуги за граѓаните. Словенија е голем поддржувач на евроинтеграцијата на Македонија, а меморандумот е дополнителен придонес кон процесот, порача словенечкиот министер за јавна администрација, Франц Попс, по средбата со македонскиот колега Горан Минчев.
Македонија речиси десет години доцни со спроведувањето на реформите во јавната администрација, вели Минчев, додавајќи дека акцискиот план односно реформската агенда на актуелната влада, се движи во предвидените рокови.
Законското решение за усогласувањето на платите на административните службеници, е во завршна фаза, информира Минчев. Додава и дека владина експертска група во моментов работи на Законот за правична застапеност, а предлог верзијата, пред да биде доставена до Собранието, ќе биде испратена до Венецијанската комисија.
Марија Котовска
