Царините на Трамп за 60. држави стапија на сила
Во сила нов пакет тарифи на Трамп, за Кина царини од 104 насто. Пекинг најави контрамерки. Земјите членки на Европската унија подготвија одговор во три фази со цел да се заштити економскиот сектор и граѓаните. Експерти предупредуваат, час поскоро мора да почнат преговорите со САД за ублажување на ефектите од финансиската криза...

Реципрочните царини на Трамп за 60. држави стапија на сила. Најтешко погодена е Кина, за која САД воведе тарифи од дури 104%. Остар пад бележат берзите. Удвојувањето на давачките, кои беа воведени на 54 проценти изминатата недела, се одговор на контратарифите објавени од Пекинг. Трамп е убеден дека „Америка многу брзо повторно ќе биде многу богата“ и рече дека неговата влада работи на „прилагодени договори“ со трговските партнери.
„Америка наскоро повторно ќе биде многу богата. Ќе видите дека тоа се случува. И целата таа ситуација беше донекаде експлозивна. Неверојатно е што се случи. Но добивме големо внимание. Имавме разговори со многу земји, над 70. Нашиот проблем е што не можеме да ги видиме толку брзо. Но, не мораме, затоа што, како што знаете, тарифите се активни, а парите се слеваат на ниво што досега не сме го виделе“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од Пекинг велат дека не се плашат и ќе се борат до крај доколку Соединетите Држави инсистираат да водат тарифна или трговска војна.
„САД продолжуваат да наметнуваат прекумерни царини и да вршат екстремен притисок врз Кина. Цврсто се спротивставуваме и никогаш нема да прифатиме такво насилничко однесување. Ако САД навистина сакаат да ги решат прашањата преку дијалог и преговори, треба да усвојат став на еднаквост, почит и заемна корист“, изјави Лин Џијан-портпарол на МНР на Кина.
Стапија на сила новите американски царини од 20 насто за увозот од ЕУ. Европската комисија во фази ќе одговори на тарифите почнувајќи од следната недела. Целта е да се заштитат економските сектори и граѓаните.
„Франција и Европа никогаш не сакаа хаос или зголемување на тарифите. Мислиме дека тоа е лоша идеја и лош одговор на темата за трговскиот дефицит. Ние, исто така, секогаш велевме дека секогаш ќе ја браниме нашата економија и ако има царини, особено бидејќи тие се на 20%, ние ќе возвратиме“, изјави Емануел Макрон-француски претседател.
За да се избегне најлошото сценарио и турбуленциите на финансиските пазари потребно е Трамп да ги намали тарифите преку преговори час поскоро, велат експерти.
Маријана Димовска
