Доминиканска Република

Стотици загинати во ноќниот клуб во Санто Доминго, од под урнатините спасени над 150 луѓе

10.04.2025 10:42

Доминиканската Република завиена во црно. Стотици загинати и уште толку повредени по уривање на кров во ноќен клуб во главниот град Санто Доминго. Спасувачките екипи со помош на израелски и порторикански тимови го расчистуваат теренот...

Доминиканската Република завиена во црно. Стотици загинати и уште толку повредени по уривање на кров во ноќен клуб во главниот град Санто Доминго. Спасувачките екипи со помош на израелски и порторикански тимови го расчистуваат теренот. Над 150 луѓе се спасени под урнатините.

„Местото е целосно уништено. Целиот кров урнат. Работам 36 години и навикнат сум, но ова е нешто што ме потсети на земјотресот на Хаити во 2010-та, голем број мртви и очајни луѓе кои бараат помош“, изјави Рамон де Леон, спасувач од доминиканската противпожарна бригада.

„Тоа се пациенти кои со часови беа заробени под урнатините со повеќе скршеници, разни повреди и крвавење. За жал не можам да кажам дали утре ќе бидат надвор од животна опасност, ќе треба да поминат уште неколку дена, но фактот што се млади, на возраст од 35 до 40 години ни влева надеж дека ќе се спротивстават на повредите“, изјави Д-р Хулио Ландрон, директор на болница во Санто Доминго.

Несреќата се случила за време на концерт на популарниот доминикански пејач Руби Перез кој настрада во трагедијата. Меѓу жртвите се и голем број политичари, поранешни спортисти и познати личности. Роднините во очај чекаат информации, дел од нив ги идентификуваат телата.

„Во шок сме, тажни и скршени од оваа катастрофа, ова е трагедија што го погоди целиот доминикански народ“, вели Хуан Росарио, роднина.

„Ова беше многу тежок процес, вчера го поминавме денот од болница до болница, барајќи ги браќата со надеж дека ќе ги најдеме живи. За жал, изутрина ни рекоа дека сите се мртви“, изјави Хозе Сантана, роднина на жртви.

„Ова е многу болно за целата доминиканска музичка индустрија. Меѓународните уметници исто така изразија сочувство и го молиме Бога да го утеши неговото семејство“, изјави Хуан де Диос Вентура, музичар.

Порака со сочувство испратија и од ООН. Меѓу жртвите е и пензиониран член на персоналот на организацијата. Во моментот на несреќата во клубот „Џет Сет“ имало меѓу 500 и 1.000 луѓе. Причината за падот на кровот останува непозната, но според властите, објектот бил многу стар. Во земјата прогласена тридневна жалост.

Бојана Крстевски