Во Владата панел-дискусија за влијанието на зголемувањето на капитацијата врз примарната заштита
Повисоки плати, помотивирани лекари, подобра здравствена заштита. Во Владата, панел-дискусија за влијанието на зголемувањето на капитацијата врз примарната заштита...

Недостигот од матични лекари и гинеколози особено во руралните средини е сериозен проблем. Надлежните очекуваат дека зголемувањето на капитацискиот бод од 75 на 100 денари ќе ја врати желбата на младите доктори да отворат своја ординација.
Ќе се стимулираат матичните лекари да се посветат на програмите за превенција, ќе се превенира непотребен трошок за третирање на хронични и онколошки заболувања.
„Ова е добар стимул за да се зголеми бројот на матичните доктори и повторно да имаме опфатеност и во руралните средини. Имаме одлична соработка со фондот со кој многу ургентни состојби ги бајпасира“, изјави д-р Лилија Дервишовска од Здружение на приватни матичен лекар.
„Најголемиот товар оди токму на онколошките пациенти кога ќе дојдат до третман и штета е ако нешто може да се превенира да дојде до овој непотребен трошок како и на предвремено родените дечиња кои се превенираат во примарното здравство со навремено детектирање на инфекции кои превенираат да не дојде до вакво нешто“, изјави д-р Ирена Алексиевска Папестиев – директор на Клиниката за гинекологија и акушерство.
За матичните стоматолози капитацискиот бод е зголемен од 61 на 75 денари. Дополнителните средства ќе овозможат модернизација на ординациите, преку набавка на современа опрема и материјали.
„Овој финансиски бенефит ќе овозможи и кај младите доктори стоматолози да не размислуваат да заминат во странство, оваа финансиска стабилност да ја искористат да си отворат свои здравствени установи“, изјави д-р Лорен Страшевски – приватен стоматолог.
Со зголемувањето на капитицискиот бод опфатени се повеќе од 2.500 матични лекари. Од Фондот за здравство велат се размислува на олеснување на бирократските процедури за матичните лекари кои почнуваат да работат.
„Следните неколку години многу матични лекари ќе заминат во пензија, ние мора да се подготвуваме за тој момент дека ќе ни треба радикално обновување на примарната здравствена заштита. Фокусот е како да се олесни преносот на постоечки ординации на младите доктори, бидејќи тоа не е едноставна постапка“, изјави Сашо Клековски – директор на ФЗОМ.
Минатата година затворени биле 34 амбуланти по општа медицина и 24 по стоматологија.
Андријана Ѓурческа
