Руско - украински конфликт

Трамп со осуда за рускиот напад врз Суми

14.04.2025 08:57

Американскиот претседател вели дека Русија направила грешка со смртоносниот напад врз градот Суми во кој загинаа над 30 луѓе, а десетици беа повредени. Два руски проектила го погодија центарот на градот во момент кога луѓето се собираа да прослават Цветници...

Американскиот претседател вели дека Русија направила грешка со смртоносниот напад врз градот Суми во кој загинаа над 30 луѓе, а десетици беа повредени. Два руски проектила го погодија центарот на градот во момент кога луѓето се собираа да прослават Цветници.

„Мислам дека беше страшно. И ми кажаа дека згрешиле. Мислам дека тоа е ужасна работа. Мислам дека целата војна е ужасна работа. Таа војна е злоупотреба на моќта. Оваа земја никогаш немаше да дозволи таа војна да почне ако јас бев претседател. Таа војна е срамота. Милиони луѓе се мртви. Се уништуваат градови низ цела Украина. Целата култура ја нема“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Украинскиот претседател остро го осуди смртоносниот руски ракетен напад кој е втор за повеќе од една недела, по гранатирањето на Кривји Риг.

„Само притисок, само решителната акција може да го промени ова. Секоја руска балистичка ракета, секоја крстосувачка ракета, секоја руска Шахед, секоја бомба, го погодува не само нашиот народ, не само нашите заедници, туку и дипломатијата, и политичките напори на секој што навистина се обидува да го доведе ова до крај“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Воените дејствија следуваат еден ден откако дипломатите на Русија и Украина се обвинија меѓусебно за прекршување на договорот со посредство на САД за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура.