Енергетика

Предлог- законот за енергетика усвоен во прво читање

15.04.2025 10:42

Пред Комисијата, законското решение го образложи заменик-министерот Мирослав Лабудовиќ, истакнувајќи дека неговото донесување претставува суштински чекор во модернизацијата, либерализацијата и зголемувањето на одржливоста на енергетскиот сектор во земјата.

Собраниската Комисија за европски прашања го прифати Предлогот на новиот Закон за енергетика во прво читање, со што започнува важен процес на усогласување на македонското законодавство со европската регулатива во областа на енергетиката, информираат од ресорното министерство.

Пред Комисијата, законското решение го образложи заменик-министерот Мирослав Лабудовиќ, истакнувајќи дека неговото донесување претставува суштински чекор во модернизацијата, либерализацијата и зголемувањето на одржливоста на енергетскиот сектор во земјата.

„Станува збор за обемен закон, целосно усогласен со европските норми. Транспонирањето на Четвртиот енергетски пакет носи повеќе бенефити. За стопанството тоа значи поголема конкурентност на пазарот, пониски цени на електричната енергија преку зголемена пазарна ликвидност и пристап до нови извори на снабдување. За граѓаните, ова значи поголема заштита на потрошувачите, можност за пофлексибилни тарифни модели и поголема транспарентност на пазарот. Дополнително, отвора простор за повеќе инвестиции во капацитети за складирање енергија, што е клучно за стабилноста на системот со оглед на растот на обновливите извори“ вели министерката Сања Божиновска.

Законот е во целосна согласност со Зелената агенда за Западен Балкан и европскиот Зелен договор, а со неговото усвојување Македонија ќе се приклучи на пазарот на електрична енергија на ЕУ и пазарот „ден однапред“. Според проценките, успешно спроведување на овие чекори може да донесе финансиски бенефити од 6,4 до 8,5 милиони евра.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини особено ја нагласува и важноста од преносот на МЕПСО под своја надлежност, со цел поефикасно и стручнo управување со клучната инфраструктура за пренос на електрична енергија.

Министерството останува посветено на градењето на сигурен, ефикасен и модерен енергетски систем, во корист на сите граѓани и во целосна согласност со европските стандарди, стои во соопштението.