Ердоган фаворит на претседателските избори во Турција

10.08.2014 17:13

Неговиот сон е „нова Турција“, кон која сака да ја води нацијата давајќи и политичка моќ на досега церемонијалната функција. Според анкетите, Ердоган води со 60 проценти пред своите ривали...

Турција е поделена на половина, велат самите Турци. Нација и исламска и секуларна, и ориентална и западна, на прагот на Европската унија со години, но самата се издигна во економска сила. Денешните претседателски избори се огледало на оваа подвоеност – историски, први на кои директно се бира шефот на државата.

Фаворит е премиерот Ердоган, и самиот една од цртите на поделбата – обожаван бидејќи ја трансформираше економијата, критикуван поради авторативната власт и наклоноста кон политичкиот ислам во секуларната република на Кемал Ататурк.

„Турската демократија ќе донесе важна одлука за иднината на земјата во секое поле. Избраниот претседател и владата мора да ја водат Турција рамо до рамо“, изјави Реџеп Таип Ердоган, премиер на Турција.

Неговиот сон е „нова Турција“, кон која сака да ја води нацијата давајќи и политичка моќ на досега церемонијалната функција. Според анкетите, Ердоган води со 60 проценти пред своите ривали. Првиот, Екмеледин Ихсаноглу е 70-годишен професор кој ја поддржува турската секуларна традиција, а зад него стојат двете главни опозициски партии. Противник е на претседателскиот систем што го нуди Ердоган и се залага за претседател како обединувачка фигура за нацијата.

„Сакам да победи Екмеледин Ихсаноглу. Не сакам политички тензии. Ако победи премиерот, ситуацијата ќе се влоши“, смета еден гласач од Истанбул.

Вториот противкандидат е 41-годишниот Селахатин Семиратас од курдското малцинство на истокот, кој ја предводи левицата. Не се очекува да постигне голем успех, но многумина најдоа сличности меѓу неговата и кандидатурата на Барак Обама за прв афроамерикански претседател. За Турците на овие избори сигурно е едно.

„Кој и да победи, му посакувам се најдобро на турскиот народ“, додава гласачка од Истанбул.

На овие претседателски избори право на глас имаат речиси 55 милиони Турци. Гласањето се одвива во најдобар ред, оценуваат набљудувачите од ОБСЕ. Доколку ниеден кандидат не ги освои неопходните 50 проценти од гласовите, двајцата највисоко рангирани кандидати ќе се соочат во втор круг на 24-ти месецов.

Ивана Салтировска