КЗД: Речиси 80 отсто од утврдените дискриминатори се државни институции и органи
Државните институции и органи се најголеми дискриминатори. Ова го покажа Годишниот извештај на Комисијата за заштита од дискриминација. Вкупниот број на претставки е намален, но раст има кај дискриминацијата на национална и етничка основа. Правата од работни односи најчесто се прекршуваат...

Државните институции и органи, општини, јавните претпријатија се најголемите дискриминатори, покажа Годишниот извештај на Комисијата за заштита од дискриминација. Тие се јавуваат во 80 проценти од случаите.
Иако вкупниот број претставки е намален, сепак, најголема дискриминација сè уште има во областа на работните односи и по етничка основа. Поведени се постапки.
Човековите права не се државен подарок, туку човечка суштина. Причината за дискриминација е системска и потребно е нејзино искоренување. Пред законот и Уставот сите треба да сме исти, со исти можности, порача претседателката Силјановска.
Според претседателот на Собраниската комисијата за човекови права, таа се буди од клиничка смрт. Вели, во претходниот мандат на пратениците како воопшто да не постоела, дискутабилна била правната рамка поради судир на интереси. Очекува спикерот Гаши да не ја кочи работата како неговиот претходник.
За 20 отсто е намалена дискриминацијата минатата година споредено со 2023-та година, односно биле поднесени 116 претставки помалку.
Александра Велинова
